<strong>Најголемиот украински напад со дронови врз Москва од почетокот на војната.</strong>
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, соопшти дека Украина рано утринава извршила „масовен“ напад врз руската престолнина.
Според него, поради нападот биле затворени три аеродроми во московскиот регион, а избувнале пожари и биле оштетени станбени објекти.
Собјанин информираше дека биле уништени најмалку 69 дронови кои се приближувале кон главниот град на Русија.
– Екипите за вонредни ситуации се ангажирани на локациите каде што паднаа остатоците од дроновите – напиша московскиот градоначалник на „Телеграм“.
Според агенцијата „Ројтерс“, ова веројатно е најголемиот украински напад со дронови врз Москва од почетокот на војната, а најмалку едно лице загинало.
– Денес, во четири часот изутрина, започна масовен напад со дронови врз Москва и Московската област. Засега е познато дека едно лице загина, а тројца се повредени – објави на „Телеграм“ гувернерот на Московската област, Андреј Воробјов.
Според „Дојче Веле“, неколку руски медиуми и профили на „Телеграм“ поврзани со безбедносните служби објавија видеоснимки од пожари што избувнале во станбените области на Москва по нападот.
Засега од Киев нема официјален коментар за нападот.
Снимките се споделуваат и на други социјални мрежи, а се тврди дека ова е досега најголемиот напад што украинските сили го извршиле врз руската престолнина.
Собјанин објави дека дронови биле соборени и над аеродромите во московските области Раменское и Домодедово, кои се наоѓаат 40 до 50 километри југоисточно од Кремљ.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека за време на масовниот украински напад врз Русија, вклучително и нападите врз Москва, биле соборени вкупно 337 беспилотни летала.
Според официјалните извештаи, над Москва биле уништени 91 дрон, додека 126 беспилотни летала биле соборени над Курската област, каде што украинските сили сè уште контролираат делови од руската територија.