Македонски компании сè побројни во Дубаи – трговската размена достигнува 52 милиони долари
Сè повеќе македонски компании се позиционираат на пазарот на Обединетите Арапски Емирати, а само оваа година пет нови фирми од земјава станаа членки на Стопанската комора на Дубаи. Вкупниот број сега изнесува 52, што претставува годишен раст од 52 отсто, информираат од Коморите на Дубаи.
Денеска, Стопанската комора на Дубаи беше домаќин на македонска делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски. Од дубајска страна, делегацијата беше предводена од Султан бин Саид ал Мансури, претседател на Коморите на Дубаи – организација која ги обединува трговската, дигиталната и меѓународната комора. Двете страни разговараа за можности за продлабочување на економската соработка и отворање нови инвестиции.
Според податоците на владината прес-служба на Дубаи, трговската размена без нафта помеѓу Дубаи и Северна Македонија во 2024 година достигна 52,2 милиони долари. Во фокусот на разговорите биле новите инвестициски можности, поддршката за македонските компании и зголемување на извозот во различни сектори – од електроника, текстил и возила, до овошје и зеленчук. Од Дубаи, пак, најмногу се извезуваат електронски уреди, медицински инструменти, козметика и спортска опрема.
„Оваа посета е важен чекор напред во нашата заедничка амбиција за подобрување на економската соработка. Подготвени сме да им помогнеме на македонските компании да излезат на глобалниот пазар преку Дубаи“, изјави Ал Мансури.
За време на посетата на Абу Даби, премиерот Мицкоски оствари средба и со претседателот на ОАЕ, шеикот Мохамед бин Заед ал Нахјан. Во разговорите се дискутирало за зајакнување на билатералните односи, со акцент на економската соработка, но и на регионалните и глобалните предизвици. Шеикот потврдил дека ОАЕ останува посветена на градење партнерства со Балканот, како и на поддршка на иницијативи за мир и стабилност преку дипломатија.
Во рамките на посетата беа потпишани и два меморандума за разбирање – еден за економска соработка, а другиот меѓу македонското МНР и Дипломатската академија „Анвар Гаргаш“.