Во време кога ефикасноста и одржливоста стануваат клучни во прехранбената индустрија, посебно внимание заслужуваат оние кои успеваат да ги спојат технологијата и долгогодишното искуство во производството на храна. Даниел Наумовски, електроинженер со повеќе од дво-децениско искуство во компанијата Агриа, лидер во месната индустрија, е токму таков пример. Како менаџер на фармата во село Таринци, која има најголем капацитет за комерцијален тов во рамки на компанијата, тој не само што го води секојдневното работење, туку работи и на унапредување на енергетската ефикасност преку современи технолошки решенија. Во ова интервју, разговараме за неговиот професионален пат, предизвиците во модерното производство на месо и визијата за поодржлива иднина на фармите во Македонија.
Работите во Агриа веќе две децении и сведок сте на бројните трансформации во компанијата. Како се промени фармата во Таринци од времето кога започнавте до денес?
Наумовски: Кога започнавме со работа во фармата во село Таринци во 2014 година, во неа немаше животни, а самата фарма беше во многу запуштена состојба, практично немаше услови да се започне со одгледување животни. Примарно ни беше да ги решиме основните инфраструктурни потреби за да работи, да се исчистат лагуните за отпадните води и да се обезбеди квалитетно и сигурно водоснабдување и електрична енергија. Во истиот период се ангажираа кадри од сите потребни профили за да се започне со работа. Постепено, секоја од халите се чистеше , а постоечките инсталации и опрема се поправаа за да се стават во функција. Во следните 2 години практично беа ставени во функција сите хали кои се наменети за тов на свињи. Сега слободно може да кажеме дека халите не се ни налик на состојбата од пред 10 години – сите се опремени со нови современи хранилки и автоматски линии за исхрана на животните, амбиентот во внатрешноста е одличен, благодарение на современ систем за вентилација, контрола на температура, нови линии за поење со вода за животните , соодветно осветлување и други неопходни работи потребни за квалитетно одгледување животни.
Како менаџер на фарма со најголем капацитет за комерцијален тов, кои се најважните аспекти на дневното управување што бараат најмногу внимание и организација?
Наумовски: Многу е важно да имате одговорни и посветени вработени од сите потребни профили, почнувајки од работниците, ветеринарната служба, раководителите и службата за одржување. Нивната меѓусебна комуникација и соработка е од витално значење, затоа што имате работа со животни и евентуалните промени или проблеми се случуваат многу брзо и бараат навремена и соодветна реакција. Воедно, потребно е сите активности во фармата да бидат соодветно и навремено испланирани, да имате редовно снабдување со квалитетна храна за животните и да бидат исполнети сите останати услови за нивно одгледување.
Како дипломиран електроинженер и носител на сертификат за енергетска ефикасност од Нирнберг, на кој начин го применувате своето знаења во подобрување на енергетската ефикасност на фармата?
Наумовски: Една свињарска фарма за комерцијален тов сама по себе не е голем енергетски потрошувач , но ние се трудиме и тоа што го трошиме да го сведеме на минимум. За таа цел инсталиравме сончеви колектори за обезбедување топла вода онаму каде што е потребно, а и големиот број вентилатори по халите се такви да немаме загуби ниту во реактивна енергија. Крововите на дел од објектите ги заменивме со најквалитетен термо панел кој сам по себе има исклучително добра термо и звучна изолација. На сите објекти ги заменивме старите дрвени прозорци и врати со квалитетни ПВЦ прозорци и врати, а дел од нив се изработени и од алуминиум. Надворешните ѕидови се изолирани и доѕидани со термо блокови. Целото осветлување е заменето со ЛЕД технологија, а во функија го ставивме и агрегатот што ни обезбедува сигурност во снабдувањето со електрична енергија.
Фармата има тим од 25 вработени. Како го негувате тимскиот дух и продуктивноста во една средина која бара голема прецизност и дисциплина?
Наумовски: Бројот на вработените е мал, така што сите сме во секојдневна комуникација и имаме меѓусебна соработка кога е потребно. Фунционираме како една поголема фамилија во која мора да се има разбирање за работата да биде успешна, но доколку се појави некое недоразбирање тоа брзо се решава преку разговор меѓу колегите. Состаноците на кои генерално ги договараме планираните активности се одржуваат секој понеделник и секој петок, кога извлекуваме заклучок за сработеното и правиме план за наредни активности. Повремените неформални дружења надвор од фармата дополнително ни помагаат да го задржиме добриот дух на соработка.
Во последните години, фармата во Таринци воведе нова техника и се усогласува со најсовремените трендови. Кои се најзначајните подобрувања и како ги гледате идните чекори во технолошкиот развој на фармата?
Наумовски: Како што веќе споменав, имаме инсталирано нова опрема во сите хали за тов, што подразбира нови хранилки, поилки и линии за исхрана, што дирекно се одразува на рентабилноста и квалитетот на производството. Дополнително, ги заменивме и сите бетонски решетки на подот, како и направивме нова подлога во боксовите каде живеат свињите.
Техниката и технологијата оди напред и ние се трудиме да држиме чекор со најсовремените фарми во Европа, за што говорат и резултатите што ги остваруваме. На фармата сѐ уште има работа, со оглед на тоа што не е искористен целоиот капацитет. Но, со оглед на тоа што се работи за стара фарма од 1976 година, ставањето во функција на секој еден објект и тоа на највисоко ниво, претставува предизвик со кој ние досега успешно се справуваме.