ПРВ.мк
Економија

Нова ера за бизнисот и државата: Стартува системот „Е-фактура“ - еве од кога!

Нова ера за бизнисот и државата: Стартува системот „Е-фактура“ - еве од кога!
Kristal

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, заедно со директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, денеска го најавија почетокот на имплементацијата на системот Е-фактура, оценувајќи го како клучен чекор во модернизацијата на јавните финансии и во намалувањето на сивата економија.

– „Борбата против сивата економија, односно нејзиното формализирање, е приоритет на Владата и дел од четиригодишната програма. Проценките на Светската банка, ММФ и Европската комисија укажуваат дека сивата економија во земјава изнесува околу 30 проценти од БДП, што е над просекот на Европската Унија. Затоа ни е потребен системски пристап, со мерки што ќе бидат од заеднички интерес и за државата и за бизнис-заедницата“, рече Димитриеска-Кочоска.

Таа посочи дека дигитализацијата на процесите во УЈП и другите институции е клучна за зголемување на ефикасноста и во собирањето, и во трошењето на буџетските средства.

– „Е-фактурата е дел од нашите напори за дигитална трансформација на јавните финансии. Со оваа реформа го правиме економскиот амбиент пофер, потранспарентен и поотворен за инвестиции, а државата добива навремени и точни податоци за носење одржливи економски политики“, додаде министерката.

Новата електронска платформа ќе го замени традиционалното работење со хартија и физички документи, со што се намалува административниот товар за фирмите и се поедноставува нивното работење. Преку овој систем, компаниите ќе можат повеќе да се фокусираат на развој и раст, а државата ќе обезбеди поефикасна наплата на даноците и попрецизна контрола на сивата економија.

На прес-конференцијата беше најавено и воведување на нов механизам за независна проверка на примената на даночната регулатива, кој ќе овозможи фер и правичен однос кон даночните обврзници, елиминирање на субјективизам во одлучувањето на инспекторите и намалување на судските спорови. Дополнително, ќе се дизајнира и внатрешен механизам за контрола на квалитетот во рамки на УЈП.

Со Е-фактурата, Владата очекува значително да се зголеми довербата меѓу даночните органи и деловната заедница, да се стимулираат инвестициите, да се создадат нови работни места и да се обезбеди одржлив економски раст што директно ќе придонесе за подобрување на животниот стандард на граѓаните.

FixCredit
Escape