Основното јавно обвинителство Скопје започна истражна постапка против едно лице за кривично дело „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи“ (член 396 став 5 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик).
Осомничениот, на 13 јануари во својот дом во Чучер Сандево, неовластено држел автомат STEN MKII и 71 куршум муниција со калибар 9 mm Para. Оружјето и муницијата биле пронајдени откако сопругата на осомничениот пријавила семејно насилство, наведувајќи дека тој упатувал закани кон неа и нивните две ќерки (родени 2006 и 2010 година).
Според пријавата, осомничениот прво заканувал со тоа да ја запали сопругата, потоа ја уништил покуќнината и со нож им се заканил на децата, предизвикувајќи чувство на загрозување и страв. Поради овие дејствија, тој е осомничен и за кривично дело „Загрозување на сигурноста“ од член 144 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Поради опасност од бегство и можност да го повтори делото, јавниот обвинител достави предлог до судијата на претходна постапка за определување мерка притвор за осомничениот.

















