Пјаченца е потресена од тешко убиство на 55-годишна жена со македонско потекло, Милена Витанова, која била пронајдена мртва во својот дом со повеќе убодни рани.
Според италијанските медиуми, нејзиниот сопруг, Хако Витанов, околу 15:30 часот телефонски контактирал со полицијата и, како што се наведува, признал дека ја убил сопругата. По разговорот, тој избегал од местото на злосторството.
На местото на настанот веднаш пристигнале карабинери, пожарникари и екипи на Итната медицинска помош. Бидејќи станот бил заклучен, пожарникарите влегле преку балкон, каде ја затекнале жената без знаци на живот.
Првичната истрага покажува дека жртвата имала повеќе убодни рани и тешки повреди на главата. Во близина на телото бил пронајден нож за кој истражителите веруваат дека бил употребен во нападот.
Подоцна, осомничениот бил пронајден на гробот на нивниот син Методиј, кој починал пред неколку години, по што бил приведен од полицијата.
Истрагата продолжува со цел да се утврдат точните мотиви и околностите кои довеле до трагедијата.
Децата на семејството, според информациите, во моментот на настанот не биле во домот и се наоѓаат на безбедна локација.
Случајот предизвика силен шок во локалната заедница во Италија, како и меѓу македонската дијаспора во регионот.





