ПРВ.мк
Црна Хроника

НОВИ ДЕТАЛИ ЗА ХОРОРОТ НА ОБИКОЛНИЦАТА: И четвртата жртва е 20-годишно момче, камионот пробил банкини и се запалил по судирот!

НОВИ ДЕТАЛИ ЗА ХОРОРОТ НА ОБИКОЛНИЦАТА: И четвртата жртва е 20-годишно момче, камионот пробил банкини и се запалил по судирот!

Завршена е идентификацијата и на четвртото лице кое загина во страшната сообраќајна несреќа што ноќеска ја потресе Македонија. Станува збор за 20-годишниот М.Ѓ. од Скопје, кој бил во автомобилот „БМВ“ заедно со своите другари и таткото на еден од нив.

Во несреќата животот го загубија и 20-годишниот Адам Велков, неговиот татко Ристе Велков, како и уште едно 20-годишно момче. Трагедијата се случила на скопската обиколница, во близина на клучката Мирковци.

Според првичните информации од истрагата, 76-годишниот возач Б.Б. од Косово управувал камион „МАН“ со полуприколка со косовски регистарски таблички, кога изгубил контрола над возилото на делницата меѓу надвозникот Визбегово и клучката Мирковци.

Камионот најпрво ја пробил металната ограда, преминал на спротивната страна од автопатот и директно удрил во автомобилот во кој се наоѓале четворицата патници. Од силината на ударот избувнал огромен пожар, при што двете возила биле зафатени од пламен.

Според очевидци и информации од терен, камионот пробил две банкини, урнал дел од уличното осветлување и потоа завршил во провалија. Кабината на камионот целосно изгорела, но возачот успеал навреме да излезе од возилото и да се спаси.

Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека пожарот целосно ги уништил патничкото возило и кабината на влекачот.

На местото на трагедијата интервенирале екипи на Итна медицинска помош и противпожарни служби, а лекарите констатирале смрт кај четворицата патници во автомобилот.

По наредба на јавен обвинител, телата на загинатите се предадени на обдукција, додека возачот на камионот е лишен од слобода и задржан во полициска станица.

Истрагата продолжува и треба да утврди како дошло до губење на контролата врз камионот, како и сите околности што довеле до една од најтешките сообраќајни трагедии во последниот период.