Полицијата по наредба на обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска спроведува голема акција на повеќе локации низ државата, насочена кон расчистување на организирана мрежа за злоупотреба на системот за доделување на надоместок за помош и нега од друго лице и незаконско доделување на инвалидски пензии.
Според досега достапните информации, десетици лица се осомничени за серија кривични дела со кои е нанесена сериозна финансиска штета врз Фондот за здравство. Акцијата, како што неофицијално се дознава, е резултат на повеќемесечна истрага во која биле применети и посебни истражни мерки, вклучително и следење на комуникации и документирање на случаи на поткуп.
Во мрежата што ја разоткрива обвинителството, се сомнева дека учествувале лекари, поранешни и активни членови на комисии во пензискиот фонд, адвокати, експерти и управител на консултантска фирма. Истите, според истражителите, давале лажни извештаи и документи со цел одредени лица неправилно да добијат статус на инвалид или право на надоместок.
Од Обвинителството засега не откриваат повеќе детали, нагласувајќи дека акцијата е сè уште во тек и оти информации ќе бидат споделени по нејзиното завршување.