Апелацискиот суд донесе одлука со која ја преиначи првостепената пресуда за случајот со убиството на кучето Феликс, заменувајќи ја претходната затворска казна со парична.
Во овој предмет, осудениот Љубе Крстевски наместо три месеци затвор, доби казна од 90 дневни глоби во износ од по 20 евра, што вкупно изнесува околу 1.800 евра или приближно 110.700 денари. Случајот се однесува на настан од 7 јануари 2025 година, кога кучето Феликс починало како последица на нанесени повреди.
Првостепениот суд претходно изрече затворска казна, што беше прва ваква одлука за ваков тип кривично дело во земјата. Меѓутоа, Апелацискиот суд ја донел новата пресуда на 17 февруари, со која ја ублажил санкцијата.
Во истиот предмет, второобвинетиот Билбиловски претходно добил парична казна од 100 дневни глоби.
Одбраната на Крстевски во жалбата тврдела дека кучето било агресивно и претставувало опасност, приложувајќи видеоснимки, фотографии и медицинска документација, со барање казната да се замени со условна или парична.
Сепак, Вишото јавно обвинителство побарало првостепената пресуда да биде потврдена. Апелацискиот суд не ги прифатил тврдењата дека животното било опасно, наведувајќи дека кучето тежело околу 15 килограми и не покажувало агресивно однесување кон луѓето.






