Грчките острови Киклади се соочуваат со екстремни временски услови, а токму поради тоа е прогласен црвен аларм кој ќе важи до утре наутро, соопштија од владата.
На грчкиот остров Парос е воведена целосна забрана за сообраќај, како што пишува и изданието „Катимерини“. Властите во Грција активираа итна тревога преку системот за итни пораки 112 и предупредија жителите да не патуваат. За време на забраната, на патиштата смеат да се движат само возила за итни случаи.
Видео од село Науса на островот покажува како автомобилите и корпите за ѓубре се расфрлани на улиците, кои се поплавени од силните поројни дождови.
Силното невреме, со обилни врнежи и грмежи, ќе се интензивира во источниот дел на земјата и најмногу ќе ги погоди островите во Егејското Море. Властите ги повикаа сите да останат дома и да бидат внимателни додека невремето продолжува.
Се очекуваат обилни дождови и поплави во Атика, Тесалија и Евија во вторник, а невремето ќе ги зафати и островите во источниот дел на Егејското Море, вклучувајќи ги Самос, Икарија и Хиос.
Погледнете го видеото: