Скандал во Црна Гора: Никола Пековиќ остана без луксузниот BMW X5 – се поврзува со криминалната група на Шариќ
Поранешниот НБА-кошаркар и еден од најпознатите спортисти од Црна Гора, Никола Пековиќ, се најде во центарот на нов скандал откако црногорската полиција го означи како високорангиран член на организирана криминална група која дејствува во северниот дел од земјата.
При полициска акција во Бјело Поље, бил запленет блиндиран автомобил „БМВ Х5“ со подгорички регистарски таблички, во сопственост на Пековиќ. Возилото во моментот на контролата го управувал Борис Драгаш (45) од Пљевља, кој инаку е припадник на Војската на Црна Гора.
Од полициските служби за порталот Vijesti потврдиле дека станува збор за активност насочена против членови на организирани криминални структури, а конкретно, Пековиќ се поврзува со групата на браќата Шариќ, кои се барани од црногорските власти.
„Во рамки на продолжените репресивни активности насочени кон организираниот криминал, службеници на Одделението за безбедност Бјело Поље извршија контрола на специјализирано (блиндирано) патничко моторно возило марка BMW X5, сопственост на Н.П., високорангиран член на криминална група од северна Црна Гора. Возилото го управуваше Б.Д. (45) од Пљевља, припадник на Војската на Црна Гора“, соопштија од полицијата.
Оваа акција отвора ново прашање за вмешаноста на јавни личности во криминални кругови и сигурно ќе има ехо во јавноста, како во Црна Гора, така и пошироко.