Превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора најавија координиран протест кој ќе започне на 26 јануари 2026 година, со радикална мерка – блокирање на сите гранични премини за влез и излез од државите. Причината е нерешениот проблем со евиденцијата на престојот на професионалните возачи во Шенген зоната, според правилото 90/180 дена.
Организаторите предупредуваат дека доколку состојбата продолжи, ќе се наруши нормалното функционирање на економиите во целиот регион. Прекинот во транспортот ќе го погоди синџирот на снабдување, а последиците нема да ги почувствуваат само земјите од Западен Балкан, туку и државите од Шенген зоната и странските инвеститори кои зависат од навремен превоз на стоки.
Протестот има за цел да испрати јасна порака до Европската комисија и европските институции, но и до компаниите кои нарачуваат транспорт, да извршат притисок за промена на правилата. Превозниците потенцираат дека професионалните возачи не смеат да се третираат како туристи или нелегални работници, бидејќи тие ја извршуваат својата работа и се клучни за функционирањето на стопанството.
Блокадата, како што велат, е само предупредување. Доколку во следните два месеци не се најде решение, од април 2026 година може целосно да запре транспортот, поради недостиг на возачи. Нивниот предлог е возачите да се изземат од броењето на денови на престој и да се третираат како меѓугранични работници кои редовно ја преминуваат границата поради работа.

















