Патничкиот ферибот KM Barcelona VA, кој пловел од островите Талауд кон Манадо, се запалил во близина на брегот на Северен Сулавеси, објави британскиот весник The Sun, повикувајќи се на локалната служба за пребарување и спасување.
На бродот имало околу 280 патници, а силниот пожар ги натера луѓето да скокнат во морето за да се спасат од пламените јазици.
Според последните информации до 16:00 часот по локално време, се потврдени најмалку четири смртни случаи, но бројот на жртви може да биде значително поголем. Спасувачките екипи, заедно со локалните рибари, успеале да извлечат од морето околу 150 преживеани, додека останатите патници се водат како исчезнати.
На местото на несреќата беа испратени повеќе бродови за помош, меѓу кои KM Barcelona III, KM Venecian и KM Cantika Lestari 9F, додека причините за пожарот сè уште се истражуваат.
Фериботите во Индонезија често се соочуваат со проблеми поврзани со застарена опрема и недоволни безбедносни мерки, што дополнително ја зголемува опасноста за патниците, истакнува The Sun.