Густа магла им помага на руските сили да навлезат подлабоко во источниот украински град Покровск, кој се обидуваат да го заземат повеќе од една година. Украинската војска истакнува дека временските услови, особено маглата, ги поттикнале Русите да засилат своите напори за внесување на сè поголем број војници во разурнатиот град, каде што се обидуваат да ги опколат украинските сили.
Видео објавено на социјалните мрежи прикажува руски војници како возат мотори и автомобили по маглив пат во сцена што наликува на филмот „Лудиот Макс“. Би-Би-Си потврди дека видеото е снимено на јужната периферија на градот, на автопатот Селидове-Покровск.
– Неколку дена маглата ги попречуваше видливоста и воздушното извидување, па Русите се осмелија да нападнат со колона возила, кои нормално веднаш би биле погодени од украинските дронови, изјави украински пилот на беспилотни летала со кодно име „Гуска“.
Седмиот корпус на украинската армија наведува дека во Покровск има стотици руски војници. Според украинската група за мапирање на фронтот „ДипСтејт“, руските трупи се доближуваат кон повеќето области на градот, а падот на Покровск се чини неизбежен.
– Руските сили се обидуваат да ги пресечат логистичките рути за поддршка на украинските трупи, напаѓајќи патишта со дронови, артилерија и пешадија. Оваа тактика се нарекува инфилтрација и се покажа доста успешна, вели украинскиот воен аналитичар Костјантин Машовец.














