Во Тирана денеска се случи брутална мафијашка пресметка, при што едно лице беше ликвидирано, а едно рането. Инцидентот се случил околу 14:20 часот на кружен тек во близина на аеродромот.
Според полицијата, напаѓачите пукале од возило кон „Мерцедес“ во кој се возеле Мучи Шалјани Шеќери (околу 40 години) и Гилмандо Дани (36 години). Гилмандо Дани го загубил животот на лице место, додека Шеќери е во тешка состојба и се наоѓа во болница под медицински надзор.
Возилото од каде што било пукано, „Тојота Јарис“, било пронајдено изгорено неколку минути по инцидентот во Фуш Круја. Полицијата го опколила подрачјето, поставила контролни пунктови и продолжува со потрагата по сторителите.
Според „Бота Сот“, жртвата Дани бил „десната рака“ на Емилијан Сулази, еден од познатите криминални босови во Албанија, со врски во изнуда, трговија со дрога и насилство.
Телевизијата Топ Ченел објави снимки од местото на настанот каде граѓани и полицајци се обидуваат да го скршат прозорецот на возилото за да ги извлечат жртвите.















