Судот во Истанбул го одби барањето за пуштање на градоначалникот Имамоглу од притвор
Првостепениот кривичен суд во Истанбул денеска ја отфрли жалбата поднесена од адвокатите на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, со која се бараше негово пуштање од притвор додека трае судскиот процес за наводна корупција, јавува турската новинска агенција „Анадолу“.
Судот ја отфрли и жалбата за укинување на притворот за блискиот соработник на Имамоглу, Мурата Онгуна – претседател на медиумска компанија поврзана со Градот Истанбул – како и за другите осомничени во истиот случај.
Адвокатскиот тим на Имамоглу за медиумите изјави дека сè уште немаат добиено официјално известување за одлуката.
Екрем Имамоглу, еден од најистакнатите претставници на турската опозиција и потенцијален противкандидат на претседателот Реџеп Таип Ердоган на следните претседателски избори, беше уапсен на 19 март и четири дена подоцна официјално притворен под обвинение за корупција.
Тој ги негира обвинувањата, а неговата Републиканска народна партија (CHP) повеќепати истакна дека станува збор за политички мотивиран процес.
Приведувањето и последователното разрешување на Имамоглу од функцијата предизвикаа најголем бран антивладини протести во Турција во изминатава деценија. Турските власти, пак, тврдат дека правосудството работи независно и без политичко влијание.
Претседателските избори во Турција се закажани најдоцна до 7 мај 2028 година.