Меѓународниот кривичен суд (МКС) се соочува со сериозна криза откако главниот обвинител Карим Кан беше привремено суспендиран од својата функција поради обвинувања за сексуално вознемирување.
Одлуката за неговата привремена суспензија е донесена врз основа на резултатите од истрагата што ја спровела Службата за внатрешен надзор на Обединетите нации, како и дополнителни докази, мислења на форензички експерти и писмени изјави разгледани во рамките на постапката.
Конечната одлука за тоа дали Кан ќе остане на функцијата или ќе биде трајно отстранет ќе ја донесат земјите-членки на Меѓународниот кривичен суд на посебна седница што треба да се одржи во наредниот период.
Случајот започна откако во 2024 година негова колешка го обвини британскиот правник дека подолг временски период ја вознемирувал и ја принудувал на сексуални односи. По обвинувањата беше покрената истрага под надзор на Обединетите нации.
Истражната комисија го доставила својот извештај во декември 2025 година, но неговата содржина не е јавно објавена. Исто така, тројца судии од МКС подготвиле правно мислење врз основа на собраните докази и наодите од истрагата, но и тој документ засега останува недостапен за јавноста.
Карим Кан категорично ги отфрла сите обвинувања и тврди дека не сторил ништо незаконско.
Кан е на функцијата главен обвинител на Меѓународниот кривичен суд од 2021 година и во изминатите години беше во центарот на вниманието поради неколку високо профилирани истраги и налози за апсење. Меѓу најпознатите се налозите издадени за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и рускиот претседател Владимир Путин.
Меѓународниот кривичен суд, со седиште во Хаг, е поддржан од 125 држави потписнички на неговиот основачки договор. Меѓу нив се и сите земји-членки на Европската Унија, додека САД, Русија и Израел не се дел од оваа меѓународна институција.







