Американскиот пратеник по средбата со Путин: „Можеби сме на чекор до историски мировен договор“
Американскиот претседателски пратеник Стив Виткоф изјави дека Владимир Путин покажал јасна желба за „траен мир“ во Украина, три дена по нивната средба во Санкт Петербург.
„Можеби сме на работ на нешто навистина важно за целиот свет“, изјави Виткоф за „Фокс њуз“, потенцирајќи ја тежината на разговорите што ги води администрацијата на Доналд Трамп.
Со враќањето на Трамп во Белата куќа, се обнови дипломатскиот контакт меѓу Вашингтон и Москва. Американската администрација води паралелни разговори и со украински и со руски претставници, со цел постигнување договор за прекин на огнот, иако досега без формални резултати.
И покрај продолжените дипломатски напори, Москва досега не направи клучни отстапки, а Киев и дел од западните земји ја обвинуваат Русија дека намерно го одолговлекува процесот, користејќи ја својата предност на фронтот.
Виткоф, кој оваа недела по трет пат се сретна со рускиот претседател од враќањето на Трамп во јануари, откри дека средбата со Путин траела повеќе од четири часа. На состанокот присуствувале и двајца блиски советници на Путин – Јуриј Ушаков и Кирил Дмитриев.
„Разговорот беше убедлив. Видливи се првите контури на можен мировен договор“, изјави Виткоф.
Тој додаде дека трговската соработка меѓу САД и Русија е дел од пошироките разговори, што, како што посочи, би можело да донесе вистинска стабилност во регионот.