Русија е подготвена да ги продолжи мировните разговори со Украина во Истанбул, но Киев сè уште не одговорил на претходните предлози, изјави рускиот вршител на должноста амбасадор во Турција, Алексеј Иванов.
„Руската страна постојано нагласува дека сме подготвени за директни преговори со украинската страна. Нашите турски партнери, исто така, потврдија дека Истанбулската платформа останува достапна и дека вратата е сè уште отворена“, изјави Иванов за агенцијата ТАСС, пренесува Анадолу.
Тој објасни дека Москва веќе предложила неколку иницијативи, меѓу кои и формирање на три работни групи преку интернет, но дека Украина не го потврдила тоа. „Москва останува отворена за дијалог, доколку Киев покаже политичка волја“, нагласи Иванов.
Во меѓувреме, украинскиот секретар за национална безбедност и одбрана, Рустем Умеров, кој ја предводи делегацијата на Киев, пристигна во Истанбул. Тој изјави дека целта на посетата е продолжување на размената на воени заробеници.
Русија и Украина годинава одржаа три рунди разговори во Истанбул, при што беше постигната согласност за размена на затвореници и цивили, а беа разменети и меморандуми за можни начини за ставање крај на конфликтот.
















