Во возот што сообраќал кон Хантингдон, во близина на Кембриџшир, доцна вечерва се случил крвав инцидент, при што повеќе лица биле избодени со нож, јавуваат британските медиуми.
Полицијата од Кембриџшир потврди дека се уапсени две лица осомничени за нападот и дека на местото на настанот моментално се наоѓаат повеќе од 30 полицајци.
Инцидентот се случил помеѓу станиците Стивениџ и Питерборо, а засега не се објавени детали за бројот на повредените ниту за сериозноста на нивните повреди.
Поради нападот, железничкиот сообраќај е целосно прекинат, а операторот соопшти дека возовите кои сообраќаат на оваа релација може да доцнат и до еден час.
„Може да се очекуваат големи доцнења и прекини до крајот на денот“, стои во официјалното соопштение на железничката компанија.
Сцената на настанот е целосно обезбедена, а полицијата и истражните тимови работат на утврдување на мотивите и околностите што довеле до нападот во возот.
















