Индонезиските власти идентификуваа 17-годишен ученик како осомничен за експлозијата во џамијата на средното училиште SMA 72 во Џакарта, при што беа повредени најмалку 54 лица, главно ученици.
Сведоци пријавиле дека околу пладне слушнале две силни експлозии, токму во моментот на петочната молитва. Паника избувнала кога густ сив чад ја исполнил џамијата, а учениците и верниците се разбегале надвор.
Полицијата пронашла пластична реплика на автомат со врежани расистички слогани, меѓу кои и фразата „14 зборови“ и името на Брентон Тарант, извршителот на масакрот во Крајстчерч во 2019 година. И покрај овие наоди, властите ги отфрлија шпекулациите дека станува збор за терористички напад.
„Осомничениот е 17-годишен ученик кој моментално е на операција,“ изјави заменик-претседателот на парламентот Суфми Даско Ахмад, кој ги посети повредените во болницата. Началникот на националната полиција, Листио Сигит, потврди дека се спроведува детална истрага за потеклото, мотивите и изработката на експлозивниот уред.
Локалната полиција соопшти дека повеќето жртви претрпеле изгореници и повреди од стаклени фрагменти. Се испитува можноста осомничениот да бил жртва на училишен булинг и дека нападот можеби бил обид за одмазда, можеби замислен како самоубиствен чин.
„Истрагата сè уште трае, но главниот град е безбеден и под контрола,“ изјави полицискиот портпарол Буди Херманто, повикувајќи ја јавноста да избегнува шпекулации и паника.
Индонезија, земја со најголемо муслиманско население во светот, во минатото беше мета на серија бомбашки напади, вклучувајќи го оној на островот Бали во 2002 година со 202 жртви. Во последните години безбедносната состојба е стабилизирана, а владата зборува за „феномен на нулта напад“ од 2023 година наваму.

















