ПРВ.мк
Свет

БРИСЕЛ ОСНОВА ЦЕНТАР ЗА МИНЕРАЛИ: ЌЕ ЈА ВКЛУЧИ ЛИ И МАКЕДОНИЈА?

БРИСЕЛ ОСНОВА ЦЕНТАР ЗА МИНЕРАЛИ: ЌЕ ЈА ВКЛУЧИ ЛИ И МАКЕДОНИЈА?
Kristal

Европската Унија се подготвува да основа заеднички Европски центар за критични минерали, кој ќе функционира како клучна точка за снабдување на ЕУ со стратешки метали. Иницијативата, дел од напорите на Унијата за економска сигурност и независност од глобални снабдувачи, ќе биде презентирана на почетокот на декември, кога ќе стане познато и дали земјите кандидатки, како Македонија, ќе бидат вклучени во планот.

Еврокомесарот за индустрија, Стефан Сежурне, ја повика Унијата да ги удвои напорите за намалување на стратешката зависност од Кина, која доминира на глобалниот пазар на ретки метали. Контролата на извозот на ретки земни елементи, кобалт, бакар, никел и други критични минерали од страна на Пекинг, според него, „директно ја таргетирала“ Европа, создавајќи алармантна ситуација за пристап до овие суровини кои се неопходни за електрични возила, компјутери и дури и борбени технологии.

– Време е Европа да ја засили својата игра. Брисел мора да ги удвои напорите за да ја прекине зависноста од Пекинг за критичните минерали – нагласи Сежурне, истакнувајќи дека цената на независноста е висока, но секогаш помала од цената на зависноста.

Иницијативата, наречена „RESourceEU“, има за цел обезбедување на пристап до критични минерали преку создавање на централна точка за набавки, складирање и координирани активности на територијата на ЕУ. Дополнително, процесот ќе биде под надзор на УНЕЦЕ (Економска комисија за Европа на ОН), која ќе следи како земјите членки ја имплементираат Директивата за критични минерални суровини.

– Мониторингот е клучен за следење на напредокот во привлекување на инвестиции во рударството и преработката на минерали, како и за градење доверба со локалните заедници. Директивата не се фокусира само на домашно производство, туку поддржува и стратешки проекти во трети земји – објаснува Дарио Лигути, директор на Одделот за одржлива енергија на УНЕЦЕ.

Европската Комисија веќе избрала 60 стратешки проекти за критичните минерални суровини, од кои 43 се во рамките на ЕУ, а 17 надвор од неа, претежно во земји со стратешко партнерство со Унијата. Во светло на оваа иницијатива, високи европски претставници ја повикаа Македонија, како земја-кандидат, да ги следи европските регулативи и да ја развива својата рударска индустрија во согласност со целите на зелена и дигитална трансформација.

Во таа насока, македонските власти веќе изработија нацрти на закони за рударство и геологија, со кои се предвидува усогласување на домашните политики со европските стандарди. Центарот ќе овозможи оценка на потребите, координирана набавка и складирање на критичните минерали, за да се зајакне независноста и сигурноста на снабдувањето во ЕУ.

FixCredit
Atensa 300
Escape