Украинските вооружени сили извршија масовен дрон-напад врз рускиот пристанишен град Новоросијск, лоциран во Краснодарскиот крај. Според информациите објавени од локалните власти и руски Телеграм канали, нападот предизвикал силни експлозии и пожар во нафтениот терминал Шешарис, еден од клучните енергетски објекти во регионот.
Нападот резултирал со значителна штета на терминалот, кој е дел од мрежата на државната корпорација Транснефт – најголемиот оператор со нафтоводи во светот. Оперативниот штаб на регионот потврди дека се оштетени и други објекти во близина на брегот. Пожарните единици успеале да го стават пожарот под контрола по неколку часа интервенција.
Според информациите на РИА Новости, при нападот бил погоден и цивилен брод кој се наоѓал во пристаништето. Тројца членови на екипажот биле повредени и им е укажана медицинска помош.
Руското Министерство за одбрана тврди дека противвоздушната одбрана соборила вкупно 66 украински дронови над регионот, но дел од нив успеале да го погодат целното подрачје.
Од украинска страна, Андриј Коваленко од Центарот за борба против дезинформации објави снимки по нападот и истакна дека Украина таргетира воени и енергетски објекти, додека Русија – според него – продолжува да напаѓа станбени згради и цивилни цели.
Овој напад следува по масовните руски ракетни удари врз Киев, во кои повеќе лица беа повредени и беа запалени станбени објекти.
Новоросијск важи за стратегиски енергетски центар на рускиот црноморски брег и веќе подолго време е меѓу приоритетните цели на Украина, која смета дека нападите врз руските нафтени и петрохемиски објекти се легитимни поради нивната улога во финансирањето на руските воени операции.
















