По новиот бран брутални напади врз христијанските заедници во Нигерија, американскиот претседател Доналд Трамп упати жестока закана дека ќе преземе воена интервенција против озлогласената терористичка организација Боко Харам – група што со години шири терор, уништува села и масакрира невини луѓе.
Оваа организација, чие полно име е „Џама‘ат Ахл ал-Сунна ли-л-Да‘ава ва ал-Џихад“, е една од најсмртоносните во светот. Основана во Нигерија кон крајот на 90-тите години, групата има една цел: да ја сруши секуларната власт и да воспостави строга исламска држава под шеријатски закон.
Боко Харам се спротивставува на сè што доаѓа од Запад – демократија, образование, култура и наука, сметајќи ги за извори на морален распад. Нивните најчести цели се цркви, училишта и села, а најголеми жртви се токму христијаните, кои ги убиваат во илјадници.
Но, нивната омраза не завршува тука – Боко Харам убива и муслимани кои не се согласуваат со нивната идеологија, како и државни службеници, војници и цивили.
Организацијата своите корени ги влече од Мухамед Али, млад гениј од североисточна Нигерија кој се радикализирал читајќи екстремистичка литература. Иако никогаш не бил поврзан директно со Ал Каеда, успеал да создаде локално движење инспирирано од глобалниот џихад.
По неговата смрт, Мохамед Јусуф го презел раководството и ја проширил групата, но во 2009 година бил ликвидиран од нигериските сили. Неговиот наследник, Абубакар Шекау, ја претворил Боко Харам во машина за смрт – користејќи самоубиствени напади, бомби и масовни киднапирања.
Во 2011 година, нивниот напад врз седиштето на Обединетите нации во Абуџа, при што загинале 23 лица, ја покажа нивната растечка моќ и амбиција да ја нападнат дури и меѓународната заедница.
Во последните две децении, Боко Харам е одговорна за смртта на над 35.000 луѓе, а над три милиони се раселени. Цели региони во западна Африка се претворени во зони на страв и сиромаштија.
Светот беше ужаснат во 2014 година, кога групата киднапираше 276 ученички од Чибок, ветувајќи дека ќе ги продаде „на пазарот“. Овој чин ја покрена глобалната кампања #BringBackOurGirls, но повеќето девојчиња никогаш не беа најдени.
Во 2015 година, групата се заколна на верност на Исламската држава (ИСИС) и се преименува во Исламска држава на Западноафриканската покраина (ISWAP). Но, внатрешните поделби не застанаа – дел од милитантите останаа лојални на Шекау и ја продолжија неговата крвава кампања со уште поголема бруталност.
Иако Боко Харам потекнува од локални социјални и економски проблеми, денес е дел од глобалната терористичка мрежа, со врски, финансиска и логистичка поддршка од поголеми џихадистички организации.
Зад нив остануваат пепел, солзи и тишина – а прашањето што го мачи светот е: до кога овие џелати ќе убиваат без казна?
















