ПРВ.мк
Свет

МЕЃУНАРОДНА АКЦИЈА ГО СПРЕЧИ КИДНАПИРАЊЕТО НА НАРКО-БОС: УАПСЕНИ ШЕСТ ПЛАТЕНИЦИ

МЕЃУНАРОДНА АКЦИЈА ГО СПРЕЧИ КИДНАПИРАЊЕТО НА НАРКО-БОС: УАПСЕНИ ШЕСТ ПЛАТЕНИЦИ
Kristal

Голема меѓународна полициска акција спречи планирано киднапирање и ликвидација на познат албански нарко-бос, кој бил мета на криминална група што сакала да се одмазди за голема кражба на дрога. Операцијата, која се одвивала паралелно во повеќе европски држави, ја водеше Германија со поддршка од Европол, како и од полициските служби на Данска, Франција, Летонија и Велика Британија.

Според Европол, таргет на групата бил водач на албанска нарко-мрежа, за кого постои сомнеж дека стои зад исчезнувањето на неколку тони канабис вредни милиони евра. Како одмазда, криминалната организација ангажирала платеници – високо обучени летонски државјани, меѓу кои имало и поранешни припадници на Француската легија на странци.

Тие биле опремени со професионална тактичка опрема и прецизно подготвен план за изведување на киднапирањето, а конечната цел, според истрагата, била физичка ликвидација на целта.

Во координираната акција, четири лица беа уапсени во Данска, Франција, Летонија и Обединетото Кралство. Двајца членови на групата, кои веќе биле приведени во Германија во октомври 2024 година, во меѓувреме се осудени.

Европол одигра клучна улога во размената на информации и оперативната координација меѓу полициските служби. На денот на акцијата, експерт од Европол бил распореден во Ница, каде што во реално време ги споредувал собраните податоци и ги насочувал истражителите на терен.

Истрагата открива уште една загрижувачка тенденција: дел од уапсените имаат сериозно воено искуство. Европол предупредува дека во Европа веќе пристигнуваат бивши легионери, платеници и борци од конфликтот во Украина – лица обучени по највисоки воени стандарди, кои своето знаење и вештини сè почесто ги ставаат во служба на организираните криминални мрежи.

Операцијата продолжува, а истражителите најавуваат нови апсења и проширување на истрагата кон други можни учесници во планираниот напад.

Escape