ПРВ.мк

Колариќ: Убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните локални избори

Колариќ: Убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните локални избори
Jumbo Banner

Светлана Колариќ, претседателка на Советот на Општина Кисела Вода од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за порталот „Локално“ потврди дека партијата спроведува анкети за избор на предлог-кандидат за градоначалник на општината, но одби да навлезе во детали за можните имиња. Таа потенцираше дека одлуката ќе биде донесена по темелна анализа и консултација со сите засегнати страни, и изрази уверување дека кандидатот ќе биде избран според принципите на посветеност, одговорност и чесност.

Иако Колариќ изрази пофалби за актуелниот градоначалник Орце Ѓорѓиевски и истакна дека токму тој ги подигнал стандардите за функционирање на локалната самоуправа, таа не потврди дали тој ќе се кандидира повторно за Кисела Вода. Изостанувањето на директен одговор го остава отворено прашањето за неговите идни чекори, особено имајќи предвид дека Ѓорѓиевски се споменува како можен кандидат за градоначалник на Град Скопје.

„Не би сакала да одговорам на прашање за кое не сум надлежна – за тоа одлучува Извршниот комитет на партијата. Во улога на претседател на Советот, кој се грижи за координација и организација на седниците на комисиите и Советот на Општината, можам да истакнам дека соработката со сите членови на Советот – претставници од коалициските партнери и од опозициските партии – се одвива на највисоко професионално ниво“, децидна е Колариќ.

Во контекст на подготовките за локалните избори, Колариќ нагласи дека сите опции се разгледуваат, но одлуките за кандидатури и коалиции ги носи исклучиво Извршниот комитет на партијата. Таа додаде дека без оглед кој ќе биде избран, ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди силен кандидат кој ќе продолжи со развојот на Кисела Вода, и најави уверена победа на претстојните избори.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран