ПРВ.мк
Скопје

Скопје конечно ќе заблеска – Ѓорѓиевски најави новогодишна прослава и украсување на градот, ова се деталите

Скопје конечно ќе заблеска – Ѓорѓиевски најави новогодишна прослава и украсување на градот, ова се деталите
Kristal

Главниот град годинава конечно ќе добие празничен сјај. Новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во гостување на МРТ 1 најави дека Скопје ќе биде украсено и дека ќе има новогодишна прослава достојна за една метропола – нешто што не се случило изминатите години.

„Конечно Скопје ќе биде украсено онака како што треба, како што заслужуваат нашите граѓани. Во петок на седница на Советот е предвиден ребаланс на буџетот, бидејќи во минатото не беа обезбедени средства за оваа намена“, изјави Ѓорѓиевски.

Тој најави дека средствата ќе бидат насочени не само за украсување, туку и за организација на новогодишната ноќ, со што Скопје ќе добие празнична атмосфера по примерот на европските градови.

Но, покрај новогодишниот дух, градоначалникот откри и шокантни податоци за злоупотреби во јавните претпријатија на Град Скопје. Според него, околу 500 лица земале плата, а не оделе на работа, што претставува тешка повреда на Законот за работни односи.

„Стојам зад сите факти што ги изнесов во јавноста. Тие лица се отстранети од списоците, а направената штета изнесува околу пет милиони евра годишно – пари со кои можеше да се изгради новиот Луна Парк“, додаде Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека случајот е веќе предмет на интерес од страна на Финансиската полиција, но дека во интерес на истрагата не може да открие повеќе детали.

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, пак, повика градоначалникот да ги достави сите докази за злоупотребите до надлежните институции.

Escape