Скопското обвинителство поведе постапка против 33-годишен маж од Скопје, осомничен за продолжено загрозување на сигурноста, кривично дело од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.
Според обвинението, во периодот од 5 до 30 октомври, осомничениот со умисла упатувал сериозни закани кон својата поранешна партнерка, извршувајќи повеќекратни дејствија на семејно насилство и психичко малтретирање.
Тој преку писмени и говорни пораки на социјалните мрежи ѝ се заканувал дека ќе ѝ го одземе животот, а заканите се засилиле откако таа го напуштила неговиот дом, поради постојаните навреди и притисоци.
Кулминацијата на инцидентите се случила на 30 октомври, кога осомничениот се појавил пред клиника каде што жената била сместена на лекување, и таму се заканил дека ќе го убие нејзиниот брат. Потоа, почнал насилно да ја влече за рака и да ја тера насилно да тргне со него, со што ѝ предизвикал силен страв и чувство на загрозеност.
Со оглед на тежината на делото и ризикот да го повтори насилството, јавниот обвинител достави предлог до судијата на претходна постапка од Основниот суд Скопје за определување мерка притвор за осомничениот.
Овој случај повторно го отвора прашањето за заштитата на жртвите од семејно насилство, особено во ситуации кога заканите продолжуваат и по прекинување на врската.
















