Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, појасни дека подобрувањето на начинот на кој се користат тумор маркерите ќе се постигне со насочување на пациентите кон лаборатории кои во тој момент нудат соодветна услуга. Целта е пациентите да не лутаат од едно до друго место, а анализите да се користат рационално – пред сè за следење на здравствената состојба, а не за дијагностика на конкретна болест.
„Ретко овие тумор маркери се користат за дијагностика. Пример е ПСА тестот за простата, кој треба да се прави и кај здрава популација. Другите маркери, пак, се најдобри за следење на состојбата на пациентите. Потребно е рационализирање за да остане простор за оние на кои им е навистина потребно“, истакна Клековски.
Онколошката пациентка Ана Марјановиќ од Здружението „Хемаонко“ дополнува дека во Македонија тумор маркерите се користат почесто отколку што препорачуваат меѓународните стандарди, најчесто поради недоверба на пациентите во здравствениот систем.
„Постојат јасни правила кога и како треба да се прават овие тестови. Во нашата земја, честата примена најверојатно произлегува од страв и неизвесност кај пациентите. Како пациент, целосно ја разбирам потребата за сигурност“, вели Марјановиќ.
Анализа на Фондот за здравство покажува дека до септември 2025 година во земјата се направени 238.744 тумор маркери, со фактурирани услуги над два милиони евра. Најмногу анализи се направени за простата (PSA), вкупно 65.502, а водечка институција по број на тумор маркери е Институтот за клиничка биохемија.

















