Јавното претпријатие за државни патишта ги информираше граѓаните дека од 15 јуни ќе стапат во сила нови правила за користење на лентите на наплатните станици низ државата.
Според најавените измени, лентите означени за MTAG ќе бидат наменети исклучиво за возила кои користат електронски тагови за наплата. Тоа значи дека плаќањето со MCard повеќе нема да биде дозволено на овие ленти.
Од ЈПДП појаснуваат дека корисниците на MCard и понатаму ќе можат да ја користат картичката за плаќање на патарините, но само на лентите кои се специјално означени за тој вид наплата.
Целта на новиот режим е да се подобри протокот на возила и да се намалат задржувањата на наплатните станици, особено во периодот на летната туристичка сезона кога сообраќајот значително се зголемува.
Од претпријатието апелираат возачите навремено да ја следат поставената сигнализација и внимателно да ја изберат соодветната лента пред пристигнување на наплатната рампа.
Дополнително, потсетуваат дека зелената стрелка над лентата означува дека таа е активна и може да се користи, додека црвениот знак „X“ означува дека лентата е затворена за сообраќај.
Од ЈПДП предупредуваат дека користењето на несоодветна лента може да предизвика дополнителни застои и проблеми во одвивањето на сообраќајот.
Новите правила ќе започнат да се применуваат од 15 јуни, а од претпријатието очекуваат тие да придонесат за побрзо, побезбедно и поефикасно користење на автопатите во земјава.






