Стефан Богоев ќе излезе од притвор откако Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје ја прифати неговата жалба и ја уважи понудената гаранција во износ од 55.000 евра.
Одлуката следува по претходно донесено решение на судија на претходна постапка од 4 јуни 2026 година, со кое на Богоев, по предлог на надлежниот јавен обвинител, му беше определена мерка притвор во траење од 30 дена.
Според информациите од Судот, Кривичниот совет го преиспитал случајот по поднесената жалба и донел решение со кое гаранцијата се прифаќа, а мерката притвор се укинува.
Понудената гаранција изнесува 55.000 евра во денарска противвредност и ќе биде депонирана како обезбедување дека осомничениот ќе биде достапен за органите на прогонот во понатамошната постапка.
Покрај паричната гаранција, Судот му изрече и дополнителни мерки на претпазливост. На Богоев привремено ќе му биде одземена патната исправа, а истовремено му се забранува преминување на државната граница.
Од Основниот кривичен суд Скопје предупредуваат дека доколку осомничениот не ги почитува определените мерки, може да следуваат построги мерки за обезбедување на неговото присуство во постапката.
Богоев е осомничен во предмет поврзан со наводни злоупотреби во постапка за јавна набавка во Царинската управа. Истрагата ја води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и таа сè уште е во тек.
Извор: Скопје1







