Германски воен авион, кој полетал од Берлин кон Приштина, бил принуден да остане во воздух околу седум часа поради густа магла. Следачот на летови Flightradar24 покажал дека авионот полетал во 8:40 часот наутро, но не можел да слета на Меѓународниот аеродром „Адем Јашари“.
Според Агенцијата за воздухопловни услуги – AShNA, авионот не бил сертифициран за операции во CAT III B режим, кој е неопходен за слетување во услови на намалена видливост. Иако аеродромот во Приштина располага со технички капацитет за такво слетување, екипажот не можел да ги исполни минималните услови за видливост од 550 метри.
Поради тоа, авионот бил пренасочен кон Скопје, каде успешно слетал по цели седум часа кружење над Приштина.
Директорот на AShNA, Дритон Ујкани, истакна дека сите други летови се одвивале нормално и без проблеми, а денешната драма не е последица на ограничувања на аеродромот, туку на техничките ограничувања на авионот.

















