Пратениците од ДУИ бурно реагираа на денешната седница на Комисијата за политички систем, откако мнозинството не го поддржа дневниот ред на кој се наоѓаше нивното барање за надзорна расправа за истрагата поврзана со трагедијата во Кочани. Од партијата обвинија дека колегите од мнозинството не сакаат вистината да излезе на виделина, и побараа морална одговорност од премиерот и министерот за внатрешни работи.
Иако претходно СДСМ се изјаснија дека нема да бараат расправа додека не заврши истрагата, денеска дадоа поддршка на иницијативата на ДУИ, со став дека треба да се отвори расправа и за останатите трагедии од последните години – како несреќата кај Ласкарци, случајот со „Беса транс“ и пожарот во модуларната болница во Тетово.
Мнозинството, пак, останува на ставот дека за каква било институционална расправа треба да се почека завршувањето на истрагите, со цел да се избегне влијание врз нивниот тек.
ДУИ најави дека нема да застане тука. Најавија дека 15 нивни пратеници ќе упатат официјално барање до претседателот на Собранието за одржување на надзорната расправа.