Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против тројца лица кои, според истрагата, се товарaт дека како соизвршители сториле кривично дело „тешка кражба од објекти на јавни инсталации“, со што нанеле огромна материјална штета и го загрозиле снабдувањето со електрична енергија.
Обвинетите, заедно со други сè уште неидентификувани лица, во периодот од март до почетокот на мај 2025 година, од кругот на фабриката „Железара“ во Скопје, конкретно од објектите на „Полуконти – ИГМ“ и подземните тунели за електрично напојување, украле повеќе километри високоенергетски и среднонапонски кабли. Каблите биле во сопственост на АД ЕСМ – Електрани на РСМ (Подружница Енергетика Скопје) и Макстил АД Скопје, а вкупната вредност на украденото се проценува на околу 440.000 евра.
Кражбата била извршувана во повеќе наврати – обвинетите преку технички отвори со скалила се спуштале во тунелите, со апарат проверувале дали каблите се под напон, па потоа со батериска брусалка ги сечеле и ги складирале до влезот на тунелите. При една од тие акции, на 9 април, поради нивното нестручно ракување, настанал пожар во трафостаницата ТС Југ, кој предизвикал дополнителна штета од над 100.000 евра и прекин во производството и дистрибуцијата на струја во вредност од околу 60.000 евра.
Кобниот момент за нив се случил на 6 мај, кога тројцата дошле повторно со возило Фолксваген Голф за да ги подготват каблите за транспорт. Еден од нив се повредил при контакт со кабел и бил однесен во Ургентниот центар „Мајка Тереза“ на лекарска помош. По кратко време, тројцата се вратиле на местото, но биле фатиени на дело и уапсени веднаш по излегувањето од кругот на „Железара“.
Обвинителството предложи продолжување на мерката притвор за сите тројца, поради ризик од бегство, влијание врз сведоци и можност повторно да го извршат делото.
Случајот предизвика силни реакции во јавноста, бидејќи штетата од кражбата не е само финансиска – таа ја засегна националната енергетска инфраструктура, а според експертите, ваквите криминални акции го загрозуваат стабилното снабдување со електрична енергија во земјата.
















