На Македонија ѝ недостигаат современи хотели, а сложените процедури ја кочат изградбата на нови туристички капацитети, изјави вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски на трибината „Автопат Е-75: Инфраструктурата како основа за развој на транзитниот туризам“.
Тој истакна дека државата мора стратешки да размислува како да привлече инвеститори, особено во заштитените подрачја, каде што, според него, бирократските ограничувања практично го оневозможуваат развојот на туризмот.
„Во моментот е премногу комплицирано да се гради. Урбанистичките планови се носат бавно, а во заштитените подрачја речиси е невозможно да се добие дозвола. Не можеме да зборуваме за туризам, а во најпосетуваните дестинации да нема хотели со пет ѕвезди. Време е да ја поедноставиме процедурата за градба и да привлечеме инвеститори“, изјави Николоски.
Тој потсети дека Македонија бележи двоцифрен раст на бројот на туристи и дека само во изминатата година се воведени 21 нова директна авиолинија.
„Минатата година преку земјава транзитираа над 10 милиони патници. Тоа покажува дека има потенцијал да ги задржиме подолго и да го развиеме транзитниот туризам“, додаде тој.
Николоски го истакна значењето на Коридорот 10 како клучна транспортна и туристичка врска со Европа, како и проектите што треба да го поттикнат туризмот – брзата пруга Скопје–Солун, развојот на винскиот и археолошкиот туризам, како и урбанистичкото решение за Стоби.
„Со брзата пруга, од Скопје до Солун ќе се патува за само час и дваесет минути. Тоа ќе го зголеми интересот на туристите и ќе го заживее регионот“, рече Николоски.
На трибината учествуваа и министерот за култура и туризам Зоран Љутков и директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски, кои ги истакнаа инфраструктурата и поврзаноста како предуслов за развој на македонскиот туризам.
















