Необичен и загрижувачки случај е регистриран во Струга, откако малолетни деца биле пронајдени како спијат во автомобил додека нивната мајка била на работното место.
Според информациите од полицијата, случајот бил пријавен на 9 јуни, неколку минути по полноќ, кога таткото на децата В.С. побарал интервенција од надлежните служби.
Како што информираат од ОВР Струга, во пријавата било наведено дека неговата сопруга Н.С. (41) ги оставала нивните малолетни деца да престојуваат и да спијат во нејзиното возило додека таа била на работа.
По добиено овластување од јавен обвинител, полициски службеници излегле на терен и извршиле проверки. На земјен паркинг на улицата „Владо Малески“ го пронашле паркираното возило, а во него ги затекнале децата како спијат.
По преземените активности, децата биле безбедно предадени на нивниот татко.
Од полицијата информираат дека се работи на целосно расчистување и документирање на случајот. По завршување на постапката, против 41-годишната жена ќе биде поднесена соодветна пријава согласно законските процедури.
Надлежните институции продолжуваат да ги утврдуваат сите околности поврзани со настанот.








