Се проширува истрагата за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани – уште седум полициски службеници се приведени, а акцијата е сè уште во тек. Информацијата вечерва ја потврди Јавниот обвинител Љупчо Коцевски, гостувајќи во емисијата „Топ Тема“ на Телма телевизија.
„Само што добив известување од надлежниот обвинител од Кочани дека е издаден налог за приведување на нови седум полицајци. За нив ќе бидат побарани мерки за претпазливост,“ изјави Коцевски, но не откри дали станува збор за службеници кои биле директно на терен или за лица кои не постапиле соодветно на своите надлежности.
Со ова, бројот на осомничени полициски службеници се искачува на 14 – откако пред речиси еден месец беа приведени првите седум. Во моментов, истрагата се води за кривичното дело „предизвикување опасност по живот и тело на луѓето“.
Од Министерството за внатрешни работи за Плусинфо ја потврдија информацијата дека акцијата е во тек, додавајќи дека повеќе детали ќе бидат соопштени подоцна.
Обвинителството продолжува со прибирање на докази, анализа на видеоматеријали и преглед на комуникацијата поврзана со трагичниот настан, со цел да се утврди евентуална институционална одговорност за пожарот кој однесе човечки животи.
Според првичните информации, Обвинителството води постапка и против 47 физички и 3 правни лица, меѓу кои се и поранешни министри, директори на Дирекцијата за заштита и спасување, како и инспектори од пазарната инспекција. Седуммина од приведените полицајци се веќе во 30-дневен притвор.