Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, потпиша Меморандум за соработка со Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ со цел зајакнување на врските меѓу институциите и унапредување на практичната настава. Преку ова партнерство се отвораат нови можности за студентите преку пракси, заеднички проекти, обуки и конференции.
Божиновска истакна дека Министерството ќе биде отворено за младите инженери, обезбедувајќи им искуства и поддршка за успешно вклучување во енергетскиот сектор. Деканот на Машинскиот факултет, Златко Петрески, ја поздрави соработката како значаен чекор за практичното усовршување на студентите.
Министерката посебно нагласи и зголемената заинтересираност на девојките за инженерските насоки, што е позитивен знак за еднаквоста и иднината на секторот.
Оваа соработка е дел од пошироката политика на Министерството за јакнење на врските со академската заедница, со партнерства и со други факултети, со цел задржување и развој на младите кадри во земјата.

















