Одлуката на Основниот кривичен суд Скопје да донесе ослободителна пресуда за З.Ј., сопственикот на возилото со кое беше предизвикана трагичната сообраќајна несреќа на булеварот „Партизански одреди“, предизвика силни реакции во јавноста. За самата несреќа претходно беше осуден неговиот син, кој управувал со автомобилот.
Во образложението на пресудата, Судот навел дека сопственоста на возилото сама по себе не претставува основ за кривична одговорност. Според судскиот став, не може да се утврди вина само врз основа на тоа што обвинетиот бил сопственик на автомобилот што го управувал неговиот полнолетен син без возачка дозвола.
По објавувањето на пресудата реагираше Росица Кулакова, сестрата на трагично загинатата Фросина Кулакова. Таа јавно изрази незадоволство од одлуката и постави повеќе прашања за кои смета дека остануваат неодговорени.
Кулакова посочува дека, според доказите собрани од Обвинителството, камерите покажувале дека истото возило било управувано од Васил Јованов речиси секојдневно во подолг временски период пред несреќата, при што често се движел со брзина поголема од дозволената.
Таа прашува како е можно сопственикот да не знаел дека автомобилот редовно се користи, ако возилото секојдневно го напуштало и се враќало на истото место. Дополнително, нагласува дека доколку знаел за тоа, останува нејасно зошто не презел мерки за да го спречи ваквото однесување.
Во својата реакција потсетува и на претходен случај во кој, според неа, таткото изјавил дека му го дал возилото на својот син по сообраќајна несреќа што се случила во Радовиш. Од друга страна, во актуелната постапка тврдел дека никогаш не му го давал автомобилот.
„И сега, која е вистината? Не може истовремено и двете. Вистината е една“, наведува Кулакова во својата објава.
Таа смета дека судот одлучил да му верува на исказот на обвинетиот наместо на околностите кои, според неа, укажуваат на поинаква слика за настаните. Дополнително, изразува загриженост поради пораката што, како што наведува, ја испраќа ваквата одлука до јавноста.
Според неа, случајот отвора прашања за одговорноста на родителите кога подолг период се сведоци на ризично и опасно однесување, но не реагираат. Таа потенцира дека трагедијата во која животот го загуби нејзината сестра не е резултат на еден изолиран момент, туку на, како што вели, долг синџир на неодговорност, толеранција и неказнивост.
Својата реакција Росица Кулакова ја заврши со краткиот, но силен коментар: „Бљак!“.










