Во координирана акција на полицијата, вчера во попладневните часови бил уапсен 23-годишен скопјанец на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, осомничен дека претходно нападнал и избодел маж со нож во непосредна близина на Соборниот храм „Свети Климент Охридски“.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил во близина на крстосницата помеѓу булеварот „Гоце Делчев“ и трговскиот објект „Мост“, каде што напаѓачот физички го нападнал Т.К. (33) од селото Долно Соње, општина Сопиште, и му нанел убодни рани со остар предмет.
По извршениот напад, полицијата успеала брзо да реагира и да го лоцира осомничениот на плоштадот „Скендербег“. При приведувањето, кај него бил пронајден и запленет ножот што се верува дека бил користен во нападот.
Осомничениот е задржан во полициска станица, а по целосно документирање на случајот и во консултација со јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Мотивите за нападот сè уште не се официјално објавени, а истрагата е во тек.















