Сашенка Тодоровска, ќерката на еден од најголемите македонски актери – Гоце Тодоровски, со потресна објава ја разбуди јавноста и ја посочи суровата реалност во која живее нејзиниот татко – доајен на театарската уметност, кој, и покрај пет децении посветеност на културата, денес преживува со пензија од само 36.000 денари.
„Легендо моја и на целиот македонски народ...“ – започна таа, споделувајќи фотографија од младоста на актерот, а потоа го разоткри лицемерието на институциите што со години делат признанија, но не и вистинска поддршка.
„Национална пензија не му дадоа. Само признанија и наградички – колекционер на хартија стана,“ пишува таа, посочувајќи дека нејзиниот татко, член на некогашната „Златна плејада“ на македонскиот театар, останал без институционално признание и поддршка од државата.
Во својот емотивен статус, таа прашува: „Зарем судбината на вакви луѓе треба да зависи од тоа кој е на власт? Кој седи во комисија? Срамота е.“
И покрај здравствените проблеми, Гоце Тодоровски, вели таа, сè уште неуморно се дава, сè уште е присутен и активен во културниот живот, но – незабележан од оние што одлучуваат.
Сашенка остро предупредува и за поширокиот општествен проблем – исчезнувањето на вистинските вредности: „Сè што е квалитетно – веќе нема вредност.“
Нејзиниот апел доаѓа во момент кога сè повеќе уметници и јавноста бараат итна ревизија на критериумите за национални пензии, кои, наместо да бидат симбол на благодарност и признание, сè почесто се претвораат во алатка на селективна правда.
ИЗВОР: Skopje1