Газдата на „Пулс“, Дејан Јованов – Деко, денеска ја потресе судницата. Додека го даваше своето обраќање, тој не успеа да се воздржи и се расплака пред сите присутни, зборувајќи за трагичната ноќ кога избувна пожарот во клубот.
Со растреперен глас, Јованов рече дека девет месеци во притвор секојдневно ја преживува истата слика од ноќта на трагедијата.
„До денес се чудам што се случи. Не можам да поверувам… Јас како родител се грижев за секое дете што влегуваше таму. Зар мислите дека ако постоеше било каков пропуст, немаше веднаш да го отстранам?“ – рече тој, преполн со емоции.
Јованов додаде дека клубот „Пулс“ бил место каде пораснале многу генерации, и дека секогаш водел сметка за нивната безбедност.
Тој им изрази длабоко сочувство на семејствата на загинатите и повредените, нагласувајќи дека и самиот ја чувствува болката бидејќи „секој има некој близок што страда“.
Особено реагираше на тоа што обвинет е и неговиот син Михајло:„Тој немаше никаква врска со клубот. Имаше своја фирма, беше само гостин. Не знам зошто е дел од обвинението.“
Во воведните зборови, адвокатката на Деко тврдеше дека за пожарот одговорност има бендот ДНК, кои ја внеле пиротехниката, како и институциите кои не укажале на пропусти.
Судењето продолжува, а атмосферата станува сè понапната по драматичното сведочење на првообвинетиот.

















