Во Скопје денеска се одржа конференцијата „Технологии и добри практики за сајбер безбедност – искуството на Италија“, на која учествуваа експерти, претставници на институции и компании од Македонија и Италија. Настанот, организиран од Амбасадата на Италија во соработка со Италијанската агенција за трговија (ITA), има за цел да овозможи размена на искуства и да поттикне институционална и бизнис-соработка во областа на сајбер безбедноста, со фокус на критичната инфраструктура во енергетиката, здравството, телекомуникациите и цивилното воздухопловство.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во своето обраќање истакна дека Владата интензивно вложува во зајакнување на дигиталната отпорност на државата, а следниот чекор ќе биде формирање владин Центар за одговор на сајбер инциденти (CIRT).
„Ова ќе биде срцето на одбраната во дигиталниот простор. Ќе претставува владин механизам што ќе реагира на сите можни сајбер инциденти и ќе обезбедува заштита на институциите и граѓаните“, нагласи Андоновски.
Тој потсети дека минатата година првпат беше донесен Закон за сајбер безбедност, заедно со Националната стратегија за сајбер безбедност 2025–2030, кои претставуваат основа за градење на стабилен и безбеден дигитален систем.
Андоновски го нарече процесот на дигитализација „нашиот дигитален автопат“, додавајќи дека досега повеќе од 76 државни институции и приватни компании се поврзани на националната платформа за интероперабилност. Преку неа се извршуваат милиони електронски трансакции без употреба на хартија, со пораст од 160% во однос на минатата година.
„Сајбер безбедноста е тивката архитектура на секој дигитален систем. Не ја гледаме секој ден, но без неа ништо не може да функционира. Затоа како држава сме решени да ја градиме оваа архитектура посветено, системски и со европски стандарди“, истакна министерот.
Италија со поддршка и искуство
Италијанскиот амбасадор во Македонија, Паоло Палминтери, оцени дека оваа соработка е значаен чекор напред во унапредувањето на економските и безбедносните односи меѓу двете земји.
„Нашата цел е италијанските компании да го препознаат потенцијалот на Македонија во овој растечки сектор. Соработката во областа на сајбер безбедноста не е само економски интерес, туку и заедничка безбедносна обврска. Безбедноста во Европа и на Балканот е неделива“, изјави Палминтери.
Тој предупреди дека по руската инвазија врз Украина, информатичките напади и хибридните закани значително се зголемиле. Според податоците за 2024 година, во Европа е забележано зголемување од 15,2 проценти на вакви инциденти во однос на претходната година.
„Затоа е важно сите држави заеднички да инвестираат во зајакнување на сајбер одбраната и во зголемување на капацитетите за превенција и брза реакција“, додаде амбасадорот.
Фокус на партнерства и практични решенија
На конференцијата беа презентирани најдобрите италијански практики за справување со сајбер закани, а експерти од двете земји дискутираа за развојот на национални стратегии, нови технологии и системи за заштита на критичната инфраструктура.
Со ова, Македонија ја засилува соработката со европските партнери во областа на дигиталната безбедност и отвора ново поглавје во развојот на модерен, стабилен и безбеден дигитален систем.
















