Изградбата на новите автопатски делници во државата влегува во поинтензивна фаза. Министерот за транспорт и врски Александар Николоски најави дека изборот на изведувачите за автопатите Скопје–Блаце и Кичево–Букојчани ќе биде завршен во текот на декември. Доколку временските услови тоа го дозволат, градежните активности ќе започнат веднаш, а во спротивно ќе продолжат напролет.
Во гостувањето на телевизијата Алсат, Николоски истакна дека интересот на компаниите бил голем и дека веќе се пристигнати сериозни понуди за двата проекти.
– Рокот за доставување понуди заврши и добивме три валидни понуди кои се во рамките на буџетската рамка за изградба на автопатот Скопје–Блаце. Истата состојба е и со проектот Кичево–Букојчани, што значи дека реализацијата може да почне наскоро – рече Николоски.
Министерот објасни дека проектот Скопје–Блаце бил целосно стабилизиран и враќан во финансиска рамнотежа, откако претходно трошоците достигнувале нереално високи бројки.
– Го затекнавме проектот по цена од 27 милиони евра по километар, што беше апсолутно неодржливо. Сега проектот е усогласен со договорената цена со ЕБОР и ќе се реализира со кредитна поддршка од 166 милиони евра, плус грант од 30 милиони евра. Очекувам изведувач да биде избран најдоцна до првата половина на декември, со предвиден рок за завршување од две и пол години – истакна тој.
Во поглед на останатите делници од Коридорот 8, Николоски потврди дека се активни и други процеси: реконструкција на обиколницата околу Скопје, решавање имотно-правни прашања за делницата Тетово–Гостивар и работа на автопатот Гостивар–Букојчани, каде веќе има видлив напредок.
– Од планираните 33 километри, веќе се пробиени првите 17 километри. Од пролет започнуваме со работа и од страната на Букојчани, што ќе биде прв пример кај нас автопат да се гради од две страни и да се спојува на средина – додаде тој.
Министерот најави и пуштање во употреба на нови делници од автопатот Кичево–Охрид, кои ќе го подобрат регионалниот проток на возила и мобилноста.
– Со овие инфраструктурни проекти изградбата не застанува. Го унапредуваме транспортниот систем, ја зголемуваме безбедноста и ја подобруваме мобилноста низ целата земја – заклучи Николоски.
















