Министерството за финансии информира дека утре, 14 ноември 2025 година, ќе започне исплатата за вложувачите во втората Граѓанска обврзница, со што на сметките на граѓаните ќе бидат префрлени вкупно 17,6 милиони евра главница и 880 илјади евра камата.
Втората Граѓанска обврзница беше издадена на 7 ноември 2023 година, со рок на достасување од две години и годишна каматна стапка од 5%. Каматата за првата година, исто така во висина од 880 илјади евра, беше исплатена во ноември минатата година.
Овој финансиски инструмент беше воведен во 2023 година со цел да го развие домашниот пазар на хартии од вредност и да понуди нова можност за вложување за граѓаните. Досега се реализирани две емисии на Граѓанска обврзница, во вкупна вредност од 41,1 милион евра. Првата емисија беше запишана со 23,5 милиони евра, додека втората, која сега се исплаќа, со 17,6 милиони евра.
Од Министерството за финансии најавуваат дека веќе се работи на нова емисија на обврзници наменета за граѓаните. Како што истакнуваат од таму, изминатиот период бил искористен за анализа на пазарните движења и европските искуства, со цел понудата на инвестициски инструменти да биде дополнително проширена.
Проспектот за новата Граѓанска обврзница се очекува да биде финализиран и објавен до крајот на годината, по што ќе бидат соопштени и сите детали за условите и начинот на запишување.
















