Европарламентарците од Бугарија имаат намера да ги стават бугарските пасоши во функција на алатка за притисок за уставни измени. Главниот наратив што се пласира од официјална Софија е дека „станува збор за респектабилна бугарска заедница во земјава, близу 200 илјади“, а таквите тврдења се поткрепуваат со бројката на бугарски пасоши што ги поседуваат македонските граѓани. Ова целосно ја открива вистинската бугарска намера поради која инсистираат на уставни измени, Бугарите да станат конститутивен народ и на тој начин полесно одвнатре да се спроведуваат дезавуирачки малигни политики на Софија, насочени кон менување на карактерот на унитарна Македонија.
Притисоците однадвор за промена на македонскиот устав и впишување на македонските граѓани со бугарска самосвест не само што не запираат, туку и дополнително се интензивираат преку сите европски институции и бугарските претставници во нив. Македонската јавност летоска сведочеше на безочна атака врз македонскиот идентитет и оспорување на македонскиот јазик токму во оваа европска институција, кога за време на расправата за извештајот за напредокот на земјава, бугарските европратеници, потпомогнати од нивните грчки колеги, отворено го негираа постоењето на македонскиот народ, јазик, култура и историја.
Епилогот од расправата беше извештај во кој се задолжува Македонија да ги спроведе уставните измени. Во меѓувреме, настапите на водечките бугарски политичари на сите самити, форуми и слични настани не поминуваат без да се афирмира тезата дека Бугарите во Македонија се дискриминирани и дека од тие причини треба што поскоро да станат дел од македонскиот устав.
Главниот наратив што се пласира од официјална Софија е дека станува збор за респектабилна бугарска заедница во земјава, близу 200 илјади, а таквите тврдења се поткрепуваат со бројката на бугарски пасоши што ги поседуваат македонските граѓани. Ова целосно ја открива вистинската бугарска намера поради која инсистираат на уставни измени, Бугарите да станат конститутивен народ и на тој начин полесно одвнатре да се спроведуваат асимилаторските политики.
Пасошите се малигна алатка на Софија за поткопување на македонизмот. Главни лобисти на ваквите бугарски политики во европските институции се бугарските европратеници, кои ги користат внатрешните конекции во рамките на ЕП за да ги афирмираат бугарските позиции, кои, и покрај противењето на поголем дел од европските пратеници, на крајот сепак добиваат поддршка.
Неодамна бугарскиот европратеник од Европската народна партија, Андреј Ковачев, побара јавно да се објават бугарските државјанства на Македонците, тврдејќи дека станува збор за 200 илјади пасоши. За да се овозможи тоа, тој побара итно усвојување на измените во Законот за бугарско државјанство бидејќи, како што вели, сегашниот закон е нелогичен и не овозможува соодветно легитимирање на бугарската заедница во Македонија.
– Јавен регистар во Министерството за правда со ограничен број податоци за името и местото на живеење на засегнатото лице што побарало бугарско државјанство и го добило. Тие се речиси над 170-180 илјади во однос на Македонија, а во моментов веројатно има над 15-20 илјади што се обработуваат. Вие самите сте дошле доброволно и сте кажале: „Еве, бабо, дедо, тие се Бугари. Еве ги документите дека биле во егзархијата, во војската, во бугарското училиште. Јас потпишав декларација дека се чувствувам како етнички Бугарин и врз основа на ова добивам бугарско државјанство“ – изјави Ковачев на средба со бугарските новинари во Брисел.
Неговиот колега од БСП и европратеник, Кристијан Вигенин, пак, додава дека со впишувањето на Бугарите во Уставот, Македонија не ја обврзува Бугарија понатаму да не го опструира македонскиот пат кон ЕУ.
– Тој (мисли на Мицкоски) се обидува однапред да купи гаранции дека што и да направи следно, нема да има блокада од Бугарија или друга земја. Тој вели: „Да, може да ги вклучиме Бугарите во Уставот, но сакаме гаранции дека нема да има повеќе други барања“. Тоа не е можно – истакна Вигенин.
Поранешни дипломати, некои од нив вклучени во македонско-бугарските релации, немаат никаква дилема за крајната цел на Бугарија, која сака да ја постигне со пасошите и постојаното барање да се објават имињата на македонски граѓани што поседуваат бугарски пасош.
– Тие постојано оперираат со бројка од околу 200 илјади луѓе со бугарски пасоши во Македонија, иако знаат дека тие пасоши, колку и да е вистинската нивна бројка, се земени од економски причини, луѓето да можат да одат да работат низ Европа. Но официјална Софија го користи тоа и пред Европа повторува дека станува збор за 200 илјади луѓе, а не само за оние 3.000 лица што се изјаснија на пописот како Бугари. Целта е јасна, да влезат во Уставот, а потоа ќе ги условат сите оние што имаат бугарски пасоши или да се изјаснат како Бугари или да го вратат пасошот.
Според нив, направени се неколку грешки во односите со Бугарија што доведоа до ситуација земјава сега да биде уценувана. Прво, никогаш не требаше да се потпише договор со Бугарија со кој ѝ овозможивме да влезе во ЕУ признавајќи дека нема проблеми со соседите, иако и тогаш не ни ги признаваа идентитетот, јазикот, историјата и културата.
Вицепремиерот Арбен Фетаи во името на Владата истакна дека не се откажале од уставните измени ниту од европската агенда и дека наскоро ќе се обелоденат следните чекори, со цел Македонија да продолжи по својот евроинтегративен пат.
Акцент:Пасошот може да се изгуби, идентитетот – не!Идентитетот не се добива во амбасада и не се губи на граница. Идентитетот не е формулар. Тоа е суштина – јазикот, културата, традицијата и колективната меморија. Државјанството и етничкиот идентитет се две различни категории. Едното е документ, другото е суштина.















