Инспектори од Управата за финансиска полиција вчера извршиле контрола во скопската Клиника за кардиохирургија, поради сомневања за незаконски набавки на скапи медицински материјали во вредност од над 300.000 евра. Според извори блиски до истрагата, полицијата ја презела целата потребна документација со која ќе се утврдува начинот на работење и евентуалните злоупотреби.
Според документите клиниката набавувала материјали преку нетранспарентни постапки, без да се објават тендери и без согласност од Фондот за здравство – спротивно на Законот за јавни набавки. Материјалите биле обезбедувани на т.н. „реверс-позајмица“, односно без официјални договори, при што износите достигнуваат неверојатни суми.
Само во изминатите две години, без тендер биле набавени над 15 „персевали“, по цена од околу 7.000 евра за едно парче, со што сумата достигнува околу 110.000 евра. Освен нив, клиниката купила и десет „фет протези“, секоја со цена од 17.000 евра – вкупно 170.000 евра. Дополнително, на реверс се набавени и повеќе композитни графтови за замена на асцедентна аорта и валвула, по цена од 2.400 евра, а вкупната вредност изнесува околу 37.000 евра.
Во документите стои дека без тендери биле набавени и преку 20 „оникс валвули“, секоја по 1.261 евра, што чини околу 25.000 евра. На листата има и високотехнолошки уреди за лекување аневризми – ТЕВАР системи по цена од 8.000 евра (вкупно седум парчиња, вредни 56.000 евра) и ЕВАР стентови по 3.300 евра (седум парчиња, над 23.000 евра).
Само во 2025 година, во периодот од 9 мај до 25 јуни, без тендер биле купени 11 валвули во вредност од околу 14.300 евра, како и десет пакувања од лепилото за крвни садови „биоглуе“, во вредност од 6.000 евра.
Овие набавки, направени спротивно на законските процедури, резултирале со неточни финансиски извештаи кои поминале на Управниот одбор на клиниката без реален увид во финансиската состојба. Вработени од установата поднеле и официјална пријава до Управата за финансиска полиција, по што била поведена истрага.
Актуелниот директор на Клиниката за кардиохирургија, доктор Дејан Димитровски изјавил дека откако ја презел функцијата, преземени се сите мерки за целосна ревизија и усогласување на постапките со Законот за јавни набавки.
„Клиниката е отворена за соработка со сите надлежни институции, со цел обезбедување транспарентност и рационално користење на јавните средства. Во моментов сите набавки се вршат исклучиво согласно законската процедура“, изјави Димитровски, додавајќи дека од претходниот период постојат постапки кои се предмет на надлежните органи, а тој е насочен кон тековното унапредување на работата на установата.
















