ПРВ.мк
Македонија

(ФОТО) „Тука не смееш ни животни да оставиш“: Шокантни услови во Психијатриската болница Бардовци

(ФОТО) „Тука не смееш ни животни да оставиш“: Шокантни услови во Психијатриската болница Бардовци

„Тука не смееш ни животни да оставиш да живеат“ – ова е само еден од коментарите што најдобро ја опишува состојбата во Психијатриската болница во Бардовци, каде со години пациентите престојувале во услови кои вработените ги опишуваат како нехумани.

Според сведоштвата на персоналот, машкиот оддел, кој моментално се реновира, со години бил во катастрофална состојба. Распаднати соби, оштетени подови, скршен мебел и недостиг од основни услови за живот биле секојдневие за пациентите кои се лекувале таму.

Но проблемите не завршуваат само со инфраструктурата. Вработените предупредуваат дека болницата се соочува со сериозен недостиг на кадар, поради што и пациентите и медицинскиот персонал се изложени на постојан ризик.

„Нашиот живот е во опасност секој ден. Немаме доволно доктори, медицински сестри и болничари. На една смена има двајца доктори и една сестра за десетици пациенти“, велат дел од вработените.

Особено загрижува податокот дека во установата работат само девет психијатри, а се грижат за околу 300 пациенти. Иако биле поднесени повеќе барања за нови вработувања, според персоналот, досега нема конкретен одговор од надлежните институции.

Во меѓувреме, дел од реновирањето се реализира преку донации, а од 1 мај болницата не прима нови пациенти.

Состојбата во Бардовци отвора сериозни прашања за условите во психијатриските установи и за грижата што државата им ја обезбедува на едни од најранливите категории граѓани.

ИЗВОР: ФОКУС.МК