Трагедијата што го потресе целиот регион конечно добива судски епилог. Судењето за несреќата во кочанската дискотека, во која животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, ќе започне на 19 ноември. Судскиот процес ќе се одвива во судницата на Казнено-поправната установа „Идризово“, под строги безбедносни мерки и со присуство на медицински тим.
Од Основниот кривичен суд во Скопје и од Јавното обвинителство информираат дека постапката ќе се одвива интензивно – по две рочишта неделно, за да се обезбеди побрзо завршување на процесот. Првите три рочишта се веќе закажани за 19, 25 и 26 ноември.
Обвинението го застапуваат 15 јавни обвинители, а на обвинителна клупа ќе седнат 35 физички и три правни лица. Меѓу нив има лица задолжени за безбедност, организација и техничка поддршка во дискотеката каде што избувна пожарот што за само неколку минути ја претвори ноќната забава во хорор.
Од судот наведуваат дека оштетените сведоци ќе можат да присуствуваат на процесот дури по нивното сослушување, за да се избегне влијание врз исказите и да се гарантира фер постапка.
Случајот датира од 16 март оваа година, кога во преполната дискотека во Кочани дојде до експлозија и пожар кој одзеде десетици животи и остави трајни последици кај голем број млади луѓе. Судењето, како што најавуваат надлежните, ќе биде еден од најголемите и најсложените процеси во поновата историја на македонското судство.
















