Управата за јавни приходи (УЈП) соопшти дека во пресрет на новогодишните празници ќе се спроведуваат засилени и проширени контроли на евидентирањето на готовинскиот промет. Фокусот ќе биде насочен кон сите угостителски објекти – ресторани, кафе-барови, дискотеки, сендвичари и други субјекти кои работат со плаќања во готово.
Пред почетокот на строгите контроли, УЈП реализираше обемен советодавен процес со цел да ги информира даночните обврзници и да ја подобри усогласеноста со законските прописи. До 20 ноември, спроведени се 3.500 советодавни посети во продавници и угостителски објекти, при што беа идентификувани најчести неправилности: фискални апарати без налепници од овластен сервисер, оштетени пломби, несоодветна адреса на регистриран фискален апарат, неплаќање на дневниот промет во банка и неводење книги на дневни финансиски извештаи.
Паралелно, УЈП спроведе детални анализи врз основа на податоците од ГПРС системот, теренските контроли и ДДВ пријавите. Анализите откриваат ризични обврзници кои континуирано пријавуваат низок или идентичен дневен промет, неусогласеност помеѓу капацитетот на објектот и пријавениот промет, како и разлики помеѓу прометот евидентиран во фискалните каси и ДДВ пријавите.
Контролите не се ограничуваат само на пребројување на средства во благајната – инспекторите ги проверуваат сите релевантни факти за да ја утврдат реалната состојба. До крајот на ноември годинава, УЈП веќе спроведе околу 4.000 контроли, што претставува зголемување за 2,5 пати во однос на истиот период минатата година. Изречени се над 2.500 глоби, а 113 објекти се запечатени поради сериозни неправилности.
Фактот дека секоја четврта контрола завршува со утврдена неправилност укажува на широка појава на неевидентирање на готовинскиот промет, што овозможува плаќања „на рака“ и исплата на плати во плик, создавајќи сива економија и нелојална конкуренција.
УЈП исто така испрати персонализирани пораки до прекршителите со повик да поднесат исправки, да го пријават прометот и да го платат данокот. Во случај на неодговорување, следуваат дополнителни контроли со примена на индиректни методи за утврдување на прикриениот промет.
Апелот до граѓаните е јасен: барајте фискална сметка, бидејќи секоја неиздадена сметка значи средства што наместо во државниот буџет завршуваат во приватни џебови.
Целта на засилените контроли е намалување на даночната евазија, фер економија и еднакви правила за сите учесници во економијата. Чесните обврзници добиваат поддршка, а оние кои го избегнуваат системот ќе се соочат со соодветни последици. УЈП останува решителна, транспарентна и доследна во заштитата на јавниот интерес и државниот буџет.

















